Минатата 2020 година беше навистина тешка за целата комуникациска индустрија, меѓутоа пазарот на интернет огласувањето продолжи да расте, како во светот, така и во регионот – специфично во соседна Бугарија.
Според најновите податоци на IAB Bulgaria, врз основа на истражување спроведено со 34-те најголеми медиски компании и адвертајзинг агенции во државата, пазарот на интернет огласување во Бугарија во 2020 година достигнал рекордни 142.7 милиони лева, односно скоро 73 милиони евра, што претставува раст од 15.3% во споредба со 2019 година.
Според резултатите кои ги пренесува бугарскиот бизнис магазин „Капитал“, најголеми победници во интернет огласувањето во Бугарија се големите технолошки гиганти Google и Facebook. Доколку тие би се исклучиле од истражувањето, локалниот пазар на интернет огласување во Бугарија би изнесувал само 34.4 милиони лева, односно 17.6 милиони евра, што всушност би значело пад од 4.5% во однос на 2019 година (споредени соодветно).
Најголем процент од инвестициите, односно 71%, отишле во дисплејни реклами (101.6 милиони лева т.е. 51.9 милиони евра), што претставува раст од 15% во споредба со 2019 година. По нив следува категоријата „пребарување“ со 33.9 милиони лева т.е. 17.3 милиони евра (24% од вкупните инвестиции), што пак претставува раст од 18% во однос на 2019.
Како секаде во светот, така и во Бугарија, видеото како огласувачки формат станува сé попопуларно. Најмногу е вложено во дисплејното видео рекламирање, достигнувајќи 38.8 милиони лева т.е. 19.8 милиони евра, што претставува раст од 26% во однос на 2019. Повеќе од половина од тие пари отишле кај YouTube (во сопственост на Google), односно 20.4 милиони лева (10.4 милиони евра), што означува раст од 29%.
Видео рекламирањето на Фејсбук исто така забележа значителен раст од 55% во однос на 2019, достигнувајќи износ од 11.4 милиони лева (5.8 милиони евра).
Од друга страна пак, видео инвестициите во локалните платформи се намалиле од 7.6 милиони лева на 6.9 милиони лева (од 3.9 милиони евра на 3.5 милиони евра), што претставува пад од 9% во однос на 2019 година.
На автоматизираниот закуп на онлајн реклами отпаѓа 78% од пазарот, односно 111.4 милиони лева (скоро 57 милиони евра). Разбирливо, најголем дел од тие инвестиции се слеваат на контото на Google преку Google Ads – 58%, додека пак Фејсбук заработува 37% од тие пари.
За прв пат, IAB Bulgaria презентираше податоци и за пазарот на инфленсер-маркетингот, кој во 2020 достигнал 1.5 милиони лева, што претставува раст од 27% во споредба со претходната година. Повеќе од половина од инвестициите во инфлуенсери биле насочени кон Instagram (на Facebook), а потоа кон YouTube (на Google).
Во однос на најголемите огласувачи во интернет рекламирањето во Бугарија, листата на топ 10, по редослед, ја сочинуваат: efbet, Mondelez, Vivacom, Kaufland, Telenor, A1 Бугарија, Winbet, Billa, GlaxoSmithKline Group и Lidl.