Со цел подигнување на јавната свест за негативниот ефект врз природата кој го има пластиката, на која ѝ се потребни буквално стотици години за да се распадне, американската уметничка Робин Фрохард создаде амбиентална инсталација во природна големи на продавница во која сé и сите производи се пластични.
Инсталацијата “The Plastic Bag Store” беше опишана како „трагикомична ода кон вечноста на пластиката“. Во суштина се работи за патувачка изложба која досега се појави во градовите Њујорк во САД и Аделаиде во Австралија, а од неодамна беше отворена во Лос Анџелес каде ќе биде достапна за посета до 11 јули.
На полиците на оваа продавница може да се забележат вообичаените производи кои ги гледате во кој било супермаркет – овошје, зеленчук, месо и морски плодови, бели пецива и есенцијални тоалетни производи, но сите тие, во овој случај, се изработени од пластика во „бескрајна какафонија на пластично пакување“.
Имињата на „брендовите“ кои можат да се забележат во продавницата се исто така индикативни: вафли „Baggo“ (вафли од пластични кеси), житарици “Yucky Shards” („Гадни парчиња“) и спортски пијалок „Bagorade“ („Кесорејд“) – хумористична критика кон корпоративната консумеристичка култура на супермаркетите и нивното влијание врз животната средина.
Со цел промоција на „продавницата“ и нејзината еколошка мисија за подигнување на јавната свест за проблемот со пластичното загадување, беше создаден и специјален филм од страна на продукциската куќа Pomegranate Arts.