Во пресрет на големото финале на Европското фудбалско првенство помеѓу Италија и Англија кое се одигра во неделата (со победа на Италијанците), италијанскиот пивски бренд Peroni лансираше кампања за британскиот пазар во која понуди рака на пријателство кон англиските навивачи.
Имено, пивото Peroni Nastro Azzurro привремено се ребрендираше во Leoni, како алузија на прекарот на англиската репрезентација – Трите Лавови. Соодветно, промотивниот материјал на кампањата прикажуваше слика на три шишиња Leoni, односно на Три Лавови.
При самото лансирање на кампањата, маркетинг директорот на Peroni за Обединетото Кралство, Сем Роудс, изјави: „Peroni Nastro Azzurro и британските пивопијци веќе подолго време се совршен пар, па така сакавме да им помогнеме на фановите да го прослават овој момент така што ќе им понудиме допир на италијански стил по овој повод. Победа или пораз, ние сакавме да ги одбележиме неверојатните достигнувања на двата тимови, а нема подобар начин за тоа отколку со трите Леони“.
Со оглед на тоа како заврши натпреварот, испаѓа дека „трите Леони“ се само утешителна награда за „Трите Лавови“.
Кампањата била создадена со помош на агенциите Trouble Maker и Splendid Communications, додека пак медискиот закуп бил задача на Wavemaker.