Американскиот бренд за спортска опрема Nike го лансираше своето најново продолжение на кампањата „Play New“ во форма на рекламата „Best Day Ever“ („Најдобриот ден некогаш“).
Спотот прикажува колаж од вистински спортски моменти и новосоздадени сценирани снимки, пропратени со нарација која раскажува за „утрешниот ден“ во кој сé е возможно, односно за идејата да се создаде подобра инклузивна иднина за сите спортисти.
Она што е впечатливо во рекламата е присуството на американската спринтерка Шакари Ричардсон, која неодамна беше дисквалификувана од претстојните Олимписки игри поради откриени траги од консумација на марихуана. Атлетичарката призна дека консумирала канабис со цел справување со психолошкиот притисок по смртта на нејзината мајка.
Ова е на некој начин реферирано кон средината на самата реклама, кога нараторот акцентирано истакнува: „Утре, кога сите конечно ќе го почитуваме менталното здравје на спортистите“.
Рекламата е создадена со помош на креативната агенција Wieden+Kennedy.