Имиџот на мексиканскиот пивски бренд Corona е тесно поврзан со морето и плажите, но поради климатските промени и загадувањето, овие природни амбиенти се наоѓаат по закана.
Со цел да даде свој придонес кон подобрување на ситуацијата, брендот го организираше првиот турнир за риболов на пластика, со кој ги предизвика локалните риболовци да влезат во морето и да го исчистат од пластика.
Во настанот зеле учество 80 риболовци, натпреварувајќи се кој ќе има најголем „улов“. Заедно, тие за еден ден извлекле над 3 тони пластика од морето. Најуспешниот риболовец извлекол околу 370 килограми и за тоа добил награда од 14.800 пезоси, односно 742 долари, што е еднакво на просечните месечни примања на еден мексикански риболвец.
Извлечената пластика била превземена од најголемата компанија за рециклирање во државата, Mexico Recicla, која за тоа соодветно финансиски ги компензирала риболовците.
Извлечената пластика ќе биде специјално рецилирана во риболовна опрема, а во меѓувреме се работи и на формализирање на договор за континуирана соработка помеѓу компанијата и риболовците.
По успешно одржаниот турнир, Corona планира да ја прошири својата еколошко-рибарска активност и во други региони на Мексико, како и во други пазари низ светот.