Меѓународниот олимписки комитет го објави новото продолжение на кампањата „Stronger Together“ („Посилни заедно“) во форма на инспиративната реклама „What Agnes Saw“ („Што виде Агнес“).
Видео-спотот ја преставува историјата и духот на Олимписките игри преку очите на најстарата жива олимписка шампионка, унгарската атлетичарка Агнес Келети, која оваа година наполни 100 години. Пораката која ја добиваме е дека во Олимписките игри и во спортот воопшто, потеклото и социјалните различности се неважни – единствено е важен моментот и атлетската способност на учесникот.
Кон крајот на рекламата, фокусот се пренасочува на најмладата британска Олимпијка на сите времиња – Скај Браун, која на само 13 години ќе се натпреварува во новата олимписка дисциплина скејтбординг.
Рекламата истакнува дека искуството на староста и младешката страст нудат светлина во темнината, како олимпискиот оган, потсетувајќи ги луѓето на моментите на надеж и инспирација кои произлегуваат кога ќе се сплоти светот воочи Олимписките игри.