Уште во февруари Google ја лансираше опцијата “About This Result” која на корисниците им нуди повеќе информации за прикажаниот резултат при некое пребарување. Сега, технолошкиот гигант ја надоградува оваа опција со дополнително објаснување зошто бил прикажан токму тој резултат.
Новата секција во рамки на “About This Result”, насловена “Your Search & This Result”, ќе објаснува како алгоритмот на пребарувачот решил да го прикаже токму тој резултат на токму тој корисник. Секцијата е достапна со кликање на трите точки во горниот десен агол на „картичката“ со прикажаниот резултат.
Првиот критериум за пребарување, нормално, се клучните зборови, но Google исто така прикажува и резултати кои содржат синоними на пребараните клучни зборови или пак зборови чие значење е поврзано со нив. Односно, доколку пребарате „како да зготвам риба во печка“, Google истовремено пребарува и поврзани зборови како „состојки“, „рецепт“ и „печење“.
Пребарувачот исто така зема во предвид веб-страници кои се линкувани со страници кои ги содржат клучните зборови.
Конечно, Google ја зема во предвид и локалната релевантност на прикажаната веб-страница, односно дали содржината е напишана на мајчиниот јазик на корисникот или дали таа е специфична за неговата држава и попрецизна локација.
Од компанијата посочуваат дека новата информативна секција нема да влијае врз самите резултати, но исто така ја истакнуваат важноста на транспарентноста пред корисниците, со цел самите тие да утврдат начин како да пребарувават за покорисни резултати.
„Целта со ова е да им се помогне на луѓето да ги разберат резултатите и да најдат резултати кои ќе им бидат од помош,“ посочува продукт-менаџерот на Google, Елизабен Такер.
Google веќе почна со воведување на опцијата, која би требало нашироко да биде имплементирана во неделите кои следат.