Во последно време се чини како социјалните платформи да се натпреваруваат кој ќе понуди подобри опции за монетизација на корисничките содржини. Пред само неколку денови Tumblr соопшти дека лансира опција за претплата, а сега Pinterest воведува некои дополнителни опции за продажба и спонзорство на содржини.
Уште во мај Pinterest ги лансираше „Idea Pins“, видео-функција слична на популарните „приказни“ т.е. „сториња“ на други платформи, со таа разлика што „Idea Pins“ нудат можност за подолготрајни содржини (до 20 „страници“ во еден пост) на кои може да се додаваат описни картички со подетални текстуални информации (на пример, рецепт во видео за готвење или пак упатства за составување на мебел).
Сега, Pinterest соопшти дека на корисниците им овозможува да ги монетизираат своите содржини во форма на „Idea Pins“ преку означување на производи со копче за нивно купување, поставување на спонзорирани линкови или пак, едноставно создавање на спонзорирани видео-содржини.
Така, корисниците сега можат да создаваат видеа во кои користат некој производ, да го означат тој производ со копче за купување, да им овозможат на гледачите лесен пристап до веб-локациите на тој производ или бренд, како и да додаваат внатрешни картички со дополнителни информации во врска со нив.
Купувањето во рамки на Pinterest е нешто што е во функција веќе подолго време, преку опцијата „Product Pins“, благодарение на партнерството со платформата за е-трговија Shopify. Меѓутоа, со „Idea Pins“, креаторите на содржини се ставаат во преден план, пред самите производи.
Според Pinterest, нивните тестови покажале дека 89% од корисниците пројавиле поголема желба за да купат производ кој го виделе на „Idea Pins“, отколку на обични „Product Pins“.
„Креаторите на содржини заземаат централно место во нашата мисија да им понудиме инспирација на сите корисници да изградат животот кој го сакаат и ќе продолжиме да соработуваме со нив за да го изградат својот бизнис и да пронајдат успех на Pinterest“, истакна Аја Канаjи, директорка за содржини и креаторски партнерства во Pinterest.