Автомобилскиот бренд Chevrolet неодамна го лансираше својот TikTok профил со цел да допре до помладата публика. Но, кој е најдобриот начин да се промовираш на TikTok? Со видео предизвик, се разбира.
Затоа, Chevrolet со помош на бразилската агенција WMcCann го ангажираше бразилскиот музичар Карлинхос Браун. Познатиот перкусионист доби задача да создаде „бит“ од посебен волан со вградени сензори кои произведуваат соодветен звук.
Сите сме се нашле во ситуација да „тропаме“ на нашиот волан додека се возиме и на радиото наиде некоја заразна песна која особено ја сакаме, но Карлинхос Браун тоа го доведува до професионално ниво.
Тој потоа ги поканува следбениците на Chevrolet да се приклучат кон видео-предизвикот и да ги испратат своите снимки како се обидуваат да го реплицираат „битот“ на Браун, заедно со хаштагот #BatuqueChallenge.