После акциониот шпионски филм „Мисија со пет ѕвезди“ објавен минатата недела, туристичкото биро на Дубаи овој пат се сврти кон жанрот на романтичните комедии за продолжение на својата филмска кампања „Dubai presents“ („Дубаи претставува“).
Новиот спот насловен “A Romance to Remember” („Романса за паметење“) е сниман во стилот на режисерот Вес Андерсон, со препознатливата палета на пастелни бои, музика и симетрично испреплетување на приказни. Главни ѕвезди повторно се холивудските актери Џесика Алба и Зек Ефрон.
Во овој „филм“, тие ги помешуваат своите идентични куфери и го поминуваат својот престој во Дубаи во барање на својот куфер и другата личност која го зела, што на крај се претвора во романса. Како и претходно, рекламата одлично си ја постигнува целта да ги претстави разните атракции на Дубаи.
Ова е вториот од предвидените шест филмски спотови кои треба да ја заокружан кампањата, создадена со помош на креативната агенција Mother.