Продукцијата Маркетинг Микс е токму тој позитивен ветер во денешниот токсичен етер која единаест години со своите тв проекти е мал борец во рингот на „високите“ тв политики. За предизвиците, истрајноста, упорноста и љубовта кон продуцирањето на уникатни проекти, низ насмевка и „без перде“ својот став ни го споделува Лилјана Варадиновска, продуцентката и сопственичка на една од стилски најпрепознатливите продукции – Маркетинг Микс.
Автор: Лилјана Варадиновска
Да се соберат најубавите луѓе, на најубавите места и да се мобилизираат сите оние кои општествено се прозвани на одговорност, да им се помогне на најповредените гранки со поддршка од добитниците кои со кораната обезбедија профит, со фокус на она што го имаме дома, кон нашите Македонски вредности, е голема, одговорна, убава и исполнителна задача. Почетоците беа тешки, условите уште потешки, но желбата и одлучноста да се направи нешто и да се работи повторно убав проект, па макар и во време на корона, беше силна, како и ставот дека „нема назад“. И самата продукција како дел од креативните индустрии беше и сеуште е, во економски погодените. Затоа не препознаваат како мал јунак, бидејќи и самите погодени, успеавме да им дадеме поддршка и промоција на најпогодените.
Во услови на „лок даун“, невозможно беше да се планира тв проект кој бара добра организација и отворена комуникација, но сепак, бариерите решив да ги гледаме како предности. Па така, се одлучив за снимања под ведро небо, и во услови на минимизирани ризици, придржувајќи се до мерките. Така се роди 6-тиот по ред проект, или шетстото дете на Маркетинг Микс, „Мастраф Муабет“, во вонредна состојба.
Стасувањето на „мастрафот“ беше буквално, тргни, застани. Рацете ни беа врзани за теренска работа, „лице в лице“ средби за партнерства, и пред се за обезбедување финансиска поддршка за новата идеја што пробувавме да ја „застанеме на нозе“. Се беше сведено на On line комуникација, во која неможете да се изразите во полн капацитет со својата идеја. Фактички на почетокот имавме повеќе идеи ама лутавме во изборот околу концептот кој сакавме оптимално да одговори на предизвиците што ги наметна корона времето. Бевме затворени, потиштени, опседнати со бројки, мерки, „теоретичарски заговори“… а одозгора не дотепуваа „цркотниците“ и солзите во турските серии. Поразително е што тие станаа главен дел од медиумскиот колач, заради исплатливоста од рекламите во нивниот термин, на кои за жал луѓето се навикнаа, и затупавеа. Така е, тоа што некому ќе му сервирате со години, на тоа и ќе се навикне. Ако им дадете на луѓето квалитетни квизови како на времето, култура, уметност, природа и цивилизациски содржини, ќе си ја „отворат“ свеста. Едноставно, тоа продуховува, тера на мислење и води кон прогрес и желби за подобар квалитет и стандард на информација и содржина. А вака, ние буквално сме во суптилно медиумско ропство кое не обезличува и прави инертни, послушни, безидејни, консументи кои немаат потреба од квалитет. На тој начин изумираат стандардите и вредностите. Ние самите капитулираме, пред кичот и шундот без желба да побараме нешто подобро.
Ставајќи се на местото на граѓанин и консумент на тв програмите, видов дека повеќето медиуми зрачат „паника“ и имаат хипнотичен ефект со постојаните пресови, пресинзи, кампањи, вести и црни хроники, што во некоја доза е и оправдано заради следењето на состојбата, но мислам дека отсуствува медиумска вмреженост и организираност, заедничка медиумска стратегија за да може луѓето и во најцрните денови да видат малку и позитива. Она што ми беше воочливо е дека недостасува програма која ќе испрати позитивна порака преку некој што е „роу модел“ или пример чие однесување се следи, односно јавна личност, бидејќи јавните личности сакале или не, се влијателни креатори на колективната свест. Недостасуваше македонска продукција на тв производи кои ќе ја мотивираат и инспирираат публиката на квалитетен живот, здрави навики и интересни или индивидуални начини на справување со новата состојба. А тоа решивме да го понудиме низ призма на познатите личности, преку нивното мото, нивните навики, нивните познавања и препораки за своите градови кои кога државата се затвори, беа меѓу неистражените и неиспромовирани капацитети со извонредни содржини. Решивме да зборуваме за храна, стил на живот, животно мото, спорт, хоби, карма, рекреација, но и за духовна храна, уметност, музика, филм, книга, стихови, ставови преку кои муабетот ќе ги образложи интересните перцепции, кои избравме да бидат, блиски, непоредни, искрени, лични…Така се согласивме дека ни треба нешто искрено, подлабоко, непосредно, муабет што ќе биде топол, убав, а во кој ќе се проткае и „добар збор“ за местата кои ги знаеме и од кои потекнуваме. Токму тие муабети, чии „мастраф“ беа содржините кои водат до подобар life style или modus Vivendi (начин на живот) решивме да ги ставиме на медиумската „софра“ и да ја послужиме публиката со нешто убаво, вкусно и во моментот повеќе од потребно. Мастраф има 2 јунака, ликот со кој муабетиме, и градот од кој тој потекнува, опфаќајќи ја субклутурата, традицијата и се што е непознато, атрактивно и вредно за промоција.
Другите проекти низ времето, произлегуваа од искри од идеи родени одеднаш, апанзас, кои потоа ги созревав и кристализирав, но времињата беа поинакви, „парите поскапи“, тв проектите повеќе ценети , а спонзорствата подостапни. Сега е многу потешко. Не се работи за конкурентска предност бидејќи нашите производи се дефицитарни, има место за секого, но нема квалитет и финансии за да се пласира светски стандард. Има една песна „Велат не нема“ но еве ние тука сме, не има, и не бараат…
Како продуцент кој ги искусил предизвиците на времињата што изминале, и враќајќи се наназад 15-тина години порано беше полесно и благодарение на контактите во маркетингот, уште од „Канал 77“ каде што всушност го испеков занаетот, лесно се вмрежувавме околку поддршката на една добра идеја. Сега е поинаку, да се продуцира континуирано и да не се направи прекин дури и во периодот на лок даун, подразбира многу труд, упорност, дисциплина и одговорност кон идејата која сметам дека несмее да заврши во фиока. Тоа го може само „сонувач“ кој не се откажува од своите соништа, а јас сум среќна што дознавам од околината дека „ме бие“ токму таков глас на жена борец и сонувач која не се откажува. Освен зад овој, моето име и мојата продукција стојат зад многу други менаџерски проекти, во образованието, иницијативите да и се даде место на руралната жена и жените во eкономијата и уште многу други…Но, никогаш небило потешко да се освои довербата и „од прва“ да се добие поддршка. Понекогаш ми гори телефонот во раката, за да овозможам добра организација, продукција и поддршка, затоа што пред се чуствувам како мајка на моите проекти.
Дефинитивно, времињата се менуваат, а низ нив се менува и пристапот кон поддршката на ваквите проекти. По инерција на долгогодишните соработки кои ги сметам за „подадена рака“ кон проектите на Маркетинг Микс, останува проблемот во овој бизнис да се потпираме едни со други од приватниот сектор. Недостасува поголема поддршка од државата, токму на овие помали, но важни медиумски двигатели на добрата мисла, добриот вкус, сето она што е вредно, а тешко се продава во овие времиња. Културата ни е на „тапет“, а оние кои ќе се обидат да направат нешто во насока на позитивно влијание не се препознаени во системот кој конципира програми за поддршка. Потребна е и локална поддршка од градовите и градоначалниците. На пример, ако „Мастраф Муабет“ промовира градови, сам на своја рака со поддршка од приватниот сектор, зарем татковците на тие градови не се прозвани да ја дадат својата поддршка, за што подобра и поефикасна промоција. Многу би ни олеснило и би можеле да правиме долгорочни планови, доколку институциите помогнат со поддршка. Ако ние ве инспирираме со „Мастраф Муабет“ да ги посетите градовите што ги промовираме, нивните туристички и уостителски капацитети, ние го поттикнуваме локалниот развој и влијаеме на зголемувањето на бруто домашниот производ. Зарем не е тоа директна поддршка на националната стратегија? Оттука ако времињата се смениле, а ние сепак сме се докажале, тогаш време е и државата со своите институции да не препознае и поддржи. Оптимист сум, но и добар аналитичар, затоа сум долготрајна на пазарот. Би сакала да предвидам подобри времиња, но за нив потребно е да се фатиме со промени од корен. Јас би ги иницирала позитивните влијанија во медиумите и токму тоа го правам, постојано поддржувајќи ги домашните компании, содржини и наследства. Мисијата на Маркетинг Микс е да култивира и оплодува добри идеи кои ќе допрат до младите и ќе ги задржат да ја градат иднината дома. Секој кој ја има истата идеја и се залага за доброто на својата младина и земја, може да се смета за наш пријател и соборец во детосикацијата на етерот.