Најголемиот онлајн трговец во светот Amazon соопшти дека започнува со имплементирањето на опција „купи сега, плати подоцна“.
Во соработка со компанијата за финансиски технологии Affirm, Amazon ќе им овозможи на потрошувачите да го поделат плаќањето на своите нарачки поголеми од 50 долари на повеќе помали месечни рати.
Ваквите опции за плаќање им нудат поголема флексибилност на потрошувачите и се очекува тие да бидат особено популарни помеѓу помладите со помала куповна моќ. Слични опции веќе почнуваат да се имплементираат и од страна на други платформи за е-трговија, па веројатно сведочиме еден нов тренд во онлајн трговијата.
За жал, опцијата која ја имплементира Amazon засега ќе биде достапна само за потрошувачите во САД, најпрвин за избран број на корисници, а потоа и за пошироката публика во следните неколку месеци.