Маркетингот во високо-регулираните индустрии секогаш бара неколку екстра чекори за запазувавање на законски регулативи кои не постојат во однос на другите индустрии. Па, токму поради тоа, еден добар дел од агенциите не се ни мешаат во таквите високо-регулирани индустрии. Од друга страна пак, се јавуваат агенции кои го прифаќаат предизвикот и се насочуваат исклучиво кон нив.
Една таква агенција е новоформираната MACH9 со седиште во Њујорк, основана од Џејми Суарез и Албер Муфариј, кои претходно биле дел од Philip Morris International.
Нивната клиентела вклучува компании кои нудат производи и услуги поврзани со никотин, канабис, алкохол, фармација и коцкање. Името MACH9 означува брзина што е девет пати поголема од брзината на звукот, симболички претставувајќи ја брзината со која агенцијата ги завршува своите задачи и реагира на новите случувања.
Значаен дел од агенцијата бил нивниот квалитетен правен тим кој секогаш мора да даде одобрување за огласувачките пораки кои треба да се испратат во врска со некој од регулираните брендови.
„Постојано имате тела како Агенцијата за храна и лекови која постојано ве надгледува и разни типови на „анти-“ организации кои се против некој производ. Тоа ја прави нашата работа поразлична од продавањето пелени онлајн,“ истакнува Албер Муфариј од MACH9 за американското издание на адвертајзинг магазинот Campaign.
Од агенцијата посочуваат дека не смееле да ги откриваат своите клиенти, меѓутоа уверуваат дека дел од нив се компании од листата Fortune 500, меѓу кои и еден од најголемите производители на текила во светот, но и некои производители на вакцини.
Според Суарез и Муфариј, тие очекуваат пораст на бизнисот, особено во секорите поврзани со канабисот и коцкањето.