Технолошкиот гигант Apple веќе неколку месеци го најавуваше лансирањето на нов систем за скенирање на кориснички фотографиите прикачени на iCloud во потрага по материјал поврзан со детска сексуална злоупотреба.
Иако компанијата истакнува дека таа сé уште цврсто стои позади намерата за лансирање на оваа функција, тоа е сепак одложено на неодредено време. Оригинално, функцијата требаше да биде лансирана до крајот на годината преку ажурирање на опративните системи iOS 15, iPad OS 15, watchOS 8 и macOS Monterey.
Промената во плановите доаѓа откако функцијата се најде на удар на многубројни корисници и повеќе организации загрижени за корисничката приватност, односно дека технологијата може да биде злоупотребена и искористена исто така за скенирање на други материјали, како на пример критики кон властите.
Над 90 организации за заштита на корисничката приватност испратиле писмо до генералниот извршен директор на Apple, Тим Кук, образложувајќи ја својата загриженост дека компанијата со оваа функција ги поставува темелите за „цензура, надзор и прогон на глобално ниво“.
Следствено, Apple конечно одговори дека: „врз основа на повратните информации од клиентите, застапничките организации, истражувачите и други чинители, одлучивме да одвоиме дополнително време во наредните месеци за да собереме инпут и да направиме подобрувања пред да ги објавиме овие критично важни функции за безбедноста на децата “.