Во текот на една работна недела, од 30 август до 3 септември, брендот за мебел IKEA имаше навистина необична кампања во францускиот главен град Париз за промоција на своите производи за одмор и спиење.
Кампањата насловена „Капсули за дремка“ се состоеше од осум подвижни жолти капсули, влечени од електричен велосипед и внатрешно опремени со мек душек, перници и постелнина.
Во текот на петте работни денови, во периодот од 13:30 до 18:30 часот, капсулите на IKEA нуделе краток одмор и дремка за попладневно полнење на батериите за најизморените граѓани на Париз.
Со цел да си резервираат дремка или пак возење во удобната капсула, заинтересираните граѓани требало само да споделат пост на Твитер или Инстаграм приказна со хаштагот #LaSiesteIKEA. По потврдата на резервацијата, велосипедистот би ги лоцирал и би им овозможил 30-минутен одмор во жолтата капсула.
Иако кампањата траела релативно кратко, интересот бил голем, па не би зачудило доколку жолтите капсули на IKEA повторно се вратат на улиците на некој друг европски град.