Забрзаниот економски раст на Кина во голема мера се должи на растот во секторот градежништво и недвижности. Меѓутоа, втората најголема компанија за недвижности во државата, Evergrande Group, сега се соочува со банкрот.
Имено, компанијата која се наоѓа на 122-то место на Fortune Global Top500 листата во моментот има долг од 305 милијарди долари. Акциите континуирано тонат, а компанијата до денес има рок да исплати транша од 83.5 милиони долари. Доколку тоа не се случи, Evergrande Group ќе влезе во 30-дневен грејс период, а потоа би следувал стечај.
Кинеската држава засега нема изразено намера дека ќе ја покрие компанијата, затоа што таа ги прекршила трите „црвени линии“ во работењето кои кинеските власти им ги поставиле на компаниите кои се занимаваат со недвижности.
Минатиот петок, кинеската централна банка внела нови пари во банкарскиот систем за поддршка на пазарот, во обид да амортизира дел од проблемите кои се случуваат во секторот со недвижности.
На светскиот пазар и во финансиските центри веќе владее загриженост за евентуалното влијание кое би го имал банкротот на Evergrande Group, што значително би се одразило на кинеската економија, а со оглед на нејзината големина – и на целиот свет.