Адвертајзинг легендата Дејвид Кенеди, едната половина од најголемата светска независна огласувачка агенција Wieden+Kennedy, почина на 10 октомври на возраст од 82 години.
Агенцијата ја соопшти веста вчера, при што во негова чест компаниското име е привремено променето во Kennedy+Wieden на социјалните мрежи.
Дејвид Кенеди се родил на 31 мај 1939 година. Неговиот прв работен ангажман бил како помошник заварувач на 13 години, а потоа студирал геологија. Во меѓувреме ја открил неговата љубов за уметноста, што го одредило понатамошниот тек на неговиот живот.
Клучниот момент се случил кога со неговото семејство се преселиле во Портланд, каде го запознал својот бизнис партнер Ден Вајден.
Двајцата работеле во McCann-Erickson, а сопствената агенција ја основале во 1982 година во мала подрумска просторија. Нивната „канцеларија“ оригинално немала ниту телефон, а за комуникација со клиентите ја користеле ближната јавна телефонска говорница.
Кенеди и Вајден се најпознати како креатори на препознатливата кампања “Just Do It” за брендот Nike. Последното креативно дело кое Дејвид Кенеди го направил било наменето за непрофитната организација American Indian College Fund, со која имал долгогодишна соработка.
Фамилијата Кенеди ги замолиле сите оние кои сакаат да му одадат почит на Дејвид, да ги испратат своите подароци токму кон претходноспоменатата организација која се бори за подобар живот на домородните Американци.