Социјалната мрежа за вмрежување на професионалци LinkedIn се повлекува од Кина, соопшти матичната компанија Microsoft.
На местото на LinkedIn ќе се појави обична веб-страница за барање работа наречена InJobs, која нема да има функција на социјално вмрежување, односно корисниците нема да можат да споделуваат објави, статии или да се поврзуваат помеѓу себе како на LinkedIn.
Како причини за повлекувањето на LinkedIn се наведуваат „значително тешкото деловно опкружување и зголемените барања за усогласеност со новите прописи во Кина“.
LinkedIn влезе на кинескиот пазар во 2014 година и остана последната голема американска социјална мрежа што продолжи да работи во таа земја, сé додека кинеските регулатори не стигнаа и до неа.
Имено, во март годинава, кинеските власти го притиснаа LinkedIn да започне „подобро да ја модерира својата содржина“ во рок од 30 денови.
На крајот, Microsoft кој го купи LinkedIn во 2016 година се реши за наједноставното решение и покрај веројатниот пад во приходите кој ќе го забележи со повлекувањето на социјалната мрежа од големиот кинески пазар.