Платформата за стриминг Нетфликс, во третиот квартал го удвои својот број на претплатници благодарение на ТВ сериите од неанглиско говорно подрачје, вклучувајќи го и јужнокорејскиот хит „Squid Game“.
Американската компанија привлече 4,4 милиони нови претплатници во периодот меѓу јули и септември, двојно повеќе отколку во претходните три месеци, покажа извештајот објавен во вторникот.
Во овој период најгледана била јужнокорејската телевизиска серија „Squid Game“ која во првите четири недели од нејзиното емитување ја гледале 142 милиони домаќинства, а по популарност се истакнаа и „Sex Education“ и „Queen’s Gambit “.
Дистописката јужнокорејска серија следи група презадолжени луѓе кои се согласуваат на смртоносна детска игра со цел да добијат пари и да ги отплатат долговите, привлекувајќи ги гледачите ширум светот и соборувајќи ја историската драма “Bridgerton“ од тронот на популарноста.
Блумберг проценува дека „Squid Game“ му донела на Нетфликс околу 900 милиони долари, а снимањето чинело 21,4 милиони долари, наведува Би-би-си.
Голем број гледачи привлече и шпанската серија „La Casa de Papel“, која ја гледаа 69 милиони гледачи во првите четири недели.
„Во моментов продуцираме локални телевизиски серии и филмови во приближно 45 земји и имаме изградено длабоки односи со креативните заедници низ целиот свет“, соопштија од Нетфликс.
Бранот на нови претплати и донесе на компанијата 16,3% поголем приход во третиот квартал, од 7,48 милијарди долари. Профитот на компанијата се зголеми речиси двојно и изнесува 1,45 милијарди долари.
На овој начин, „Нетфликс“ се опорави од лошите резултати на почетокот на годината, што беше резултат на постепеното слабеење на пандемиската побарувачка за стриминг услуги, а се проценува дека ќе го удвои бројот на претплатници повторно на крајот на годината, на 8,5 милиони.
Во пресрет на Божиќ, планираат да привлечат нови корисници со новите сезони на сериите “The Witcher“, “Tiger King“ и “Cobra Kai“.