На својата годишна MAX конференција, софтверската компанија Adobe соопшти дека своите најпопуларни дизајнерски програми – Photoshop и Illustrator, ќе бидат достапни за користење преку веб-прелистувачи.
Потребата од една ваква промена стнала очигледна со настапувањето на пандемијата и работењето од дома, кога за дизајнерите било потешко да добиваат фидбек од своите колеги во реално време во врска со тоа што го работат.
Новите веб верзии на Photoshop и Illustrator ќе овозможат прегледување на работните проекти во реално време од повеќе корисници кои ќе имаат приватен линк до проектот. Притоа, ќе може да се оставаат и пишани коментари во врска со него.
Креаторите, пак, ќе можат да прават брзи и едноставни поправки директно во веб-верзијата. Односно, оние најкористените алатки за уредување кои се дел од десктоп верзиите на програмите ќе бидат достапни и преку прелистувач.
Веб-верзијата на Photoshop се наоѓа во бета-отворена фаза и кон неа може да се пристапи преку отворањето на Photoshop-фајл во прелистувач и притискање на горното копче “Open in Photoshop on the web beta”. Во иднина, Photoshop за веб ќе биде достапен преку следниот линк.
Illustrator, од друга страна, се наоѓа во бета верзија достапна само со покана, при што заинтересираните креатори може да се пријават преку следниот линк.