Апликацијата за пораки Telegram соопшти дека наскоро ќе почне да прикажува реклами како начин да го зголеми својот профит и да ја поддржи растечката корисничка база.
Меѓутоа, основачот на апликацијата Павел Дуров ги уверува корисниците дека рекламите нема да се појавуваат во приватни разговори или канали.
„Telegram нема да прикажува промотивни пораки во вашата чет-листа, приватните разговори или групи. Рекламите ќе влијаат само врз големите канали – сервиси каде веќе постои адвертајзинг, а чие оддржување го претставува најголемиот трошок за Telegram“, истакнува Дуров.
Според одредени извори, платформата работи и на план за претплата со кој корисниците ќе бидат „ослободени“ од реклами.
Telegram ќе овозможи реклами само во јавни канали или групи со повеќе од 1,000 следачи. Притоа, платформата има повеќе од 500 милиони корисници, што претставува голема можност за маркетерите.
Но, рекламирањето на Telegram нема да биде ефтино. Компанијата ќе бара аванс од дури 2 милиони евра, при што половина од тие пари ќе бидат повратен депозит. Се чини дека само големите бизниси ќе можат да се рекламираат на Telegram.
Платформата исто така посочи дека на огласувачите нема да им нуди персонализирани профили од својата корисничка база. Тоа значи дека маркетерите нема да можат да таргетираат специфични индивидуи, туку тоа ќе можат да го прават само во однос на некои генерални категории како јазик, тема или канали.