Видео-платформата YouTube соопшти дека ќе го скрие бројот на „дислајкови“ на сите видеа, при што оваа статистика ќе биде достапна само за оној кој го прикачил видеото.
Самото копче за „дислајк“ ќе продолжи да постои и корисниците сé уште ќе можат да го искажат своето незадоволство од некое видео, но тоа нема да биде јавно. Ставените дислајкови ќе продолжат да влијаат врз она што ви се појавува во предложени видеа.
Целта на оваа промена, според YouTube, е да се намалат организираните напади со дислајкови, односно да се заштитат креаторите на содржини од намерно и насочено „потопување“ на нивните видеа.
Според експеримент кој бил спроведен од YouTube порано годинава, кога бројот на дислајкови бил сокриен, помала била веројатноста за таргетирани напади врз видеата. Исто така, според YouTube, помалите канали биле почесто мета на вакви напади.
Од друга страна пак, во јавноста се јавуваат и спротивставени мислења, кои новата промена на YouTube ја третираат како чин на цензура на критичкото мислење и обид за заштита на одредени медиумски и политички содржини кои наидуваат на негативни реакции кај публиката.