Многу често пред да почнеме да гледаме некоја серија или филм на Netflix, првин го проверуваме тој наслов на IMDb или Rotten Tomatoes за да се убедиме дали вреди да се гледа – каква е неговата оценка и популарност меѓу публиката.
Со слична цел, Netflix се реши да лансира и сопствен веб-сајт кој специјално ќе биде наменет да ги открива најпопуларните „Топ 10“ содржини по категорија во светски рамки или по држави, колку време тие се задржале на врвот и колку вкупно прегледи собрале.
Листата вклучува 90 држави, меѓу кои за жал не се наоѓа и Македонија. Но, барем тука се некои од соседите.
Со цел процесот на рангирање да биде транспарентен и да одразува реални бројки, Netflix ја ангажираше компанијата за сметководство и ревизија Ernst & Young која ќе го води целиот процес на собирање податоци.
Ова ќе биде корисно како за гледачите, така и за огласувачите, кои ќе имаат увид во тоа кои содржини на Netflix се најпопуларни во нивната држава, па со таа информација ќе можат да се насочат кон таргетирањето на поголема и посоодветна публика во врска со нивниот производ.