Компанијата Lush Cosmetics најави затворање на профилите на Facebook, Instagram, Snapchat и TikTok, но ќе остане присутна на Twitter и YouTube.
По откривањето на свиркачот Хоген за негативното влијание на Инстаграм врз младите, а особено врз девојките, освен што за тоа објавија бројни медиуми, ништо конкретно не се случи. Од Фејсбук, односно Мета, ја демантираа таа информација, додека другите компании продолжија да ги користат социјалните мрежи како и досега, бидејќи тоа е нивниот канал преку кој комуницираат со своите корисници и на кој се рекламираат.
Но, една компанија сепак одлучи да направи нешто за да укаже на овие проблеми и негативното влијание на социјалните мрежи врз менталната состојба на луѓето. Од овој петок, Lush Cosmetics ќе ги затвори своите профили на Facebook, Instagram, TikTok и Snapchat. Оваа компанија, која е особено популарна меѓу младите, генерацијата Z и милениумците, уште пред две години привремено се откажа од социјалните мрежи и ги затвори профилите во Велика Британија.
Од компанијата тогаш изјавија дека се уморни од борбата со алгоритми и дека сакаат директно да разговараат со своите корисници. Сега причините за откажување се различни и ќе биде интересно да се види дали и другите компании ќе тргнат по нивните стапки или ќе останат осамени во својот потег. При најавата за напуштање на социјалните мрежи, тие нагласија дека прават производи кои им помагаат на луѓето да се релаксираат и да обрнат внимание на себе и на својата благосостојба, додека социјалните мрежи станаа токму спротивното – тие се креирани за да ги спречат луѓето да се одморат и да се исклучат.
Lush Cosmetics има повеќе од милион следбеници на Фејсбук и повеќе од 659.000 на Инстаграм, а ширум светот има повеќе од 900 продавници. Компанијата сепак ќе остане на Twitter и YouTube, а ќе се врати на мрежите кои ги напушти кога тие платформи ќе станат побезбедна средина за нејзините корисници.