Познатиот магазин TIME го прогласи најбогатиот човек на светот, Илон Маск, за личност на годината 2021.
Маск е основач и директор на компанијата за електрични автомобили Tesla, компанијата за вселенски истражувања SpaceX и компанијата за невро-технологија Neurаlink.
Во 2021 година, Маск успеа да го надмине основачот на Amazon, Џеф Безос, како најбогат човек на светот, при што неговото богатство се проценува на 297 милијарди долари.
Уредникот на TIME, Едвард Фелсентал, посочи дека Маск е прогласен за личност на годината поради изнаоѓањето на решенија за клучни прашања со кои се соочува светот и поради неговото лидерство во најтешките трансформации со кои се соочува општеството.
„Личност на годината е симбол за влијание, а ретки се лицата кои имаат повеќе влијание од Маск врз животот на Земјата, а можеби и на животот надвор од Земјата“, истакна Фелсентал.
Изборот за „Личност на годината“ од страна на магазинот TIME бил воспоставен во далечната 1927 година, а титулата ја добиваат оние кои се истакнале со особено влијание врз медиумскиот простор или животите на луѓето во текот на годината, за подобро или полошо.
Меѓу останатите, оваа титула досега ја имаат понесени и личности како Џеф Безос, Марк Зукерберг, Џо Бајден, Грета Тунберг, но и Сталин и Адолф Хитлер.