Претплатничкиот сервис за видео-игри Xbox Game Pass на Microsoft е главно познат по игрите за конзолата Xbox, меѓутоа отсега натаму тој ќе вклучува и поголемо портфолио на игри за персонален компјутер.
Со цел промоција на овој претплатнички сервис, Microsoft реши да направи хумористична мета-реклама за осмислувањето на рекламна кампања.
Главни ѕвезди во спотот се комичарот Дејв Бурд од серијата Dave (познат и под своето „раперско“ име Lil Dicky) и раперот GaTa, кои треба да бидат заштитните лица на кампањата.
Тие се наоѓаат во канцеларија на некоја адвертајзинг агенција каде добиваат презентација за новата кампања, но таа воопшто не им се допаѓа. Потоа следи хумористичен брејнсторминг во кој двајцата рапери изнаоѓаат посоодветни решенија.
Вистинската реклама била создадена со помош на агенцијата Trailer Park Group и објавена за време на одржувањето на гејминг-настанот Game Awards.