Брендот на спортски автомобили Ferrari го откри своето специјално лого во пресрет на 75-годишнината од основањето на компанијата.
Основана од страна на Енцо Ферари во 1947 година, компанијата за брзо време успеа да изгради препознатлив имиџ базиран врз присуството на тркачките патеки. Всушност, Ferrari е единствениот бренд и тркачки тим кој има учествувано на сите Формула 1 шампионати од воспоставувањето на натпреварувањето во 1950, па до денес.
Меѓутоа, Енцо набргу сфати дека за да ја одржува компанијата и да ја изгради во препознатлив бренд ширум светот, мора да почне да произведува спортски автомобили за богатите личности. Исто така, низ годините, Ferrari ја прошири својата дејност и во рамки на модата и детските играчки.
По повод 75. роденден на компанијата, вработените во главната фабрика на Ferrari во Маранело, Италија, создале голем мозаик т.е. сложувалка составена од илијадници парчиња, која го прикажува препознатливиот издигнат коњ.
„За оваа специјална година, ние создадовме специјална икона: скулптура составена од илијадници компоненти излеани тука во нашата фабрика и поставени едно по едно од моите колеги во Ferrari“ – објаснува Џон Елкан, претседателот на компанијата.
„Тоа е симбол на духот на Ferrari кој го споделуваме тука во Маранело и со целото наше семејство ширум светот. Тоа ја одразува суштината на тоа кои сме, нашите изминати 75 години и нашата иднина. Тоа е симбол на компанијата која, како што рече еднаш Енцо Ферари – над сé, е составена од луѓе“ – додава Елкан.