Технолошкиот гигант Microsoft ја направи својата најголема аквизиција со купувањето на компанијата за развој на видео-игри Activision Blizzard, по цена од 68.7 милијарди долари.
Со тоа, Microsoft автоматски ќе стане третиот најголем производител на видео-игри во светот. Купувањето на Activision Blizzard ќе им овозможи на Microsoft да го прошират својот репертоар на видео игри со некои од водечките наслови во индустријата, вклучувајќи ги Call of Duty, Candy Crush и World of Warcraft.
„Заедно со Activision Blizzard, ние имаме неверојатна можност да инвестираме и иновираме со цел да ги создадеме најдобрите содржини, заедница и ‘облак’ за гејмерите“ – истакнува генералниот извршен директор на Microsoft, Сатја Надела.
„Тука не се работи за краткорочни резултати. Ние сме запознати со производниот план на Activision Blizzard и сме неверојатно ентузијастични за тоа што тимовите создаваат, како и за долгорочните цели на компанијата во годините што следуваат“ – објаснува директорот за гејминг на Microsoft, Фил Спенсер.
Американските медиуми посочуваат дека купувањето на Activision Blizzard ќе им овозможи на Microsoft поефикасно да се соочат со своите конкуренти – како оние во светот на видео-игрите (Sony), така и оние големи технолошки компании што ги прават првите чекори на таа сцена (Amazon, Google) или предничат во градењето на метаверзумот (Meta/Facebook).
Исто така, се очекува дека оваа аквизиција ќе им помогне на Microsoft да навлезат и во светот на мобилните игри, каде компанијата заостанува во последните години.