Британскиот регулатор за огласувачки стандарди (ASA) забрани реклама на млечниот бренд Dairylea, поради сцена во која две девојчиња висат со главите надолу и едното од нив јаде парче топено сирење.
Рекламата за прв пат била емитувана во август 2021, по што регулаторот веднаш почнал да добива пријави од загрижени родители дека нивните деца може да се обидат да ја повторат сцената и да се доведат во ризик од задушување.
Матичната компанија на Dairylea, Mondalez, одговори со соопштение во кое појасни дека рекламата била насочена кон возрасни, била емитувана со програми насочени кон повозрасната гледачка публика, дека девојчиња во сцената се надгледувани од возрасни и дека всушност нема опасност од задушување при нивниот акт.
Сепак, претставниците на британскиот регулатор не биле убедени од објаснувањата на компанијата и после консултации со експерти, дошле до заклучок дека сцената прикажува „небезбедна практика каде има потенцијален висок ризик од задушување“.
Од Mondalez возвратија дека не се задоволни од одлуката, но дека ќе ја почитуваат. Доколку компанијата сака да објави нова верзија на рекламата, ќе мора да ја исече споменатата сцена.