Технолошкиот гигант Apple ја продолжи традицијата на објавување краток филм по повод кинеската лунарна Нова Година, која ќе започне на 1 февруари. Овогодинешниот филм во суштина претставува реклама за кинематографските способности на паметниот телефон iPhone 13 Pro.
Во филмот, насловен „The Comeback“ („Враќањето“) се раскажува приказната за некој млад филмски каскадер кој се повредува на сцена, по што е приморан да се врати во својот рурален дом во некое полу-заборавено кинеско село.
Жителите на селото топло го поздравуваат неговото враќање, нарекувајќи го „големиот режисер“. Всушност, тие имаат желба да создадат краток филм во своето село, со цел тоа да стане популарно на интернет и да привлече повеќе посетители.
Младиот човек иницијално не е убеден во изводливоста на проектот, немајќи доверба во себе како режисер, но и во локацијата како филмски сет. Според него, местото е „пустелија како Марс“. Тоа му дава идеја на неговиот татко – умот позади филмот.
Потоа, со помош на iPhone 13 Pro и неговите кинематографски функции, младиот филмски работник и неговите соселани успеваат да снимат епски филм за патување на Марс.
Според Apple, филмот има за цел да ги инспирира и охрабри луѓето да не престанат да сонуваат, дури и кога тој сон е „далечен како Марс“.
Кампањата е реализирана со помош на адвертајзинг агенцијата TBWA\Media Arts Lab, додека пак оригиналниот саундтрек е направен од Варка Берер.
Погледнете го 23-минутниот филм за приказната на младиот филмаџија и неговото село, навистина сниман на iPhone, во продолжение: