Италијанскиот луксузен моден бренд Dolce & Gabbana соопшти дека повеќе нема да користи животинско крзно во производството на своите модни парчиња, приклучувајќи им се на други брендови како Armani, Gucci, Prada и други.
Брендот ќе ја запре употребата на крзно во своите колекции уште оваа година, а транзицијата кон еко-алтернативни варијанти ќе ја направи во скора иднина.
„Dolce & Gabbana работи кон поодржлива иднина која не може да ја замисли употребата на животинско крзно“ – истакна Феделе Усаи, директор за маркетинг и комуникации во Dolce & Gabbana.
Чекорот на модниот бренд наиде на одобрување кај организациите за заштита на животните.
Според П. Џ. Смит од Humane Society International: „крајот на употребата на крзно води кон повисоки стандарди за тоа што е прифатливо во модата“.
Dolce & Gabbana исто така се приклучува кон организацијата “Fur Free Alliance”, која вклучува повеќе брендови кои се против употребата на животинско крзно.