Германскиот автомобилски бренд BMW ја објави својата нова реклама во пресрет на американскиот NFL Super Bowl, во која главни ѕвезди се холивудските актери Арнолд Шварценегер и Селма Хајек.
Во рекламата, Шварценегер го толкува ликот на античкиот грчки бог Ѕевс, додека пак Селма Хајек – на божицата Хера, сопруга на Ѕевс.
Божествениот пар одлучува да се пензионира од својата божествена работа и да се пресели од планината Олимп во Палм Спрингс во Калифорнија, заедно со своето милениче – малото Пегазче.
Хера набрзо успева да се прилагоди кон новиот живот, но Ѕевс се мачи. Она што најмногу го нервира, е што луѓето постојано бараат од него да им ги наполни уредите со електрична енергија (поради тоа што Ѕевс е богот-громовник).
Со цел да му внесе некаква радост во новиот живот, Хера се одлучува да му го купи на Ѕевс новиот електричен автомобил на BMW – iX.
Спотот завршува со сцена во која божествениот пар се вози по улиците на Плам Спрингс, проследено со песната “Electric Avenue” издадена од Еди Грант во 1980 година.
Рекламата е создадена со помош на креативната агенција Goodby Silverstein & Partners.