Јужнокорејскиот автомобилски бренд KIA објави нова реклама во пресрет на американскиот NFL Super Bowl, со која го промовира својот електричен автомобил EV6.
Пораката на рекламата е дека кучињата ќе останат најдобриот пријател на луѓето, дури и кога тие ќе станат електрични.
Имено, во спотот гледаме слатко роботско кутре во продавница за електроника. Кутрето се чувствува навистина тажно и осамено кога преку излогот гледа како луѓето си играат со своите вистински миленици.
Но, тогаш, кутрето гледа човек кој го полни својот елекричен автомобил KIA EV6 и потоа одвезува. Кутрето решава да избега од продавницата во потрага по него, бркајќи го низ цел град. Таман кога кутрето успева да го стигне и да скокне на автомобилот – неговата батерија се испразнува.
Возачот потоа успешно го враќа кутрето во живот, приклучувајќи го на својот електричен автомобил. На крајот тој го посвојува кучето и среќно заеднички се возат со автомобилот.
Рекламата е проследена со песната “Total Eclipse of the Heart” од Бони Тајлер.
Креативната агенција која стои позади спотот е David&Goliath, потпомогната од продукциската куќа Biscuit Filmworks.