Телекомуникацискиот бренд T-Mobile пред неколку денови лансираше нова кампања за американскиот пазар, со која ја истакнува супериорноста на својата 5G мрежа во однос на конкурентите Verizon и AT&T.
Кампањата се состои од два дела, а создадена е така што потсетува на кампања за некаква добротоворна, хуманитарна кауза.
Во првиот дел се појавува познатата кантри-пејачка Доли Партон, која зборува за „проблемот кој треба да се поправи“, а тоа се 5G телефоните кои се „заробени“ на инфериорна мрежа.
Вториот дел, пак, претставува кратка песна во изведба на поп-пејачката Мајли Сајрус која, следејќи ги забелешките на Доли Партон, пее за поддршка на телефоните на кои им треба „спасување“.
Кампањата е создадена со помош на агенцијата Panay Films, а својата кулминација ја доживеа со синоќешното дводелно емитување за време на Super Bowl.