Меѓународниот креативен фестивал Golden Drum за оваа година се реши да ги „Обновува врските“, со силна желба за повторно здружување, поврзување и поттикнување на креативноста.
Овогодишниот натпреварувачки дел на фестивалот ќе се состои од четири генерални категории во кои креативците и агенциите можат да ги пријават своите проекти т.е. кампањи, и тоа: One-Channel Drum, Omni-Channel Drum, Craft Drum и Creative Business Excellence Drum. На крајот ќе биде формирано и Големо Жири, составено од претседателите и членови на жиријата за четирите генерални категории.
Конкурсот за пријавување ќе биде отворен во март, а во меѓувреме – фестивалот ги објави имињата на личностите кои ќе застанат на чело на жири-комисиите за секоја од четирите генерални категории.
Претседател на жирито за категоријата One-Channel Drum ќе биде Анселмо Рамос, соосновач и креативен директор на независната агенција GUT, која главно делува во Северна и Јужна Америка.
Предводник на жирите за категоријата Omni-Channel Drum ќе биде Џони Тан, извршен креативен директор на агенцијата 72andSunny за регионот Азија-Пацифик.
Сандра Планета, основачка и креативен директор на Planeta Design од Шведска, ќе биде претседателка на стручното жири за категоријата Craft Drum.
Конечно, претседателка на жирито за категоријата Creative Business Excellence ќе биде Даниела Крук-Дејвис, потпретседателка за маркетинг во Netflix за регионот на Европа, Блискиот Исток и Африка.
Повеќе информации за меѓународниот креативен фестивал Golden Drum може да се најдат на следниот линк.