Дизајнот на Иван Петрушевски – Флим „Joy Stamps“, беше избран од страна на Swatch да ја претставува Македонија на престижниот EXPO Dubai 2020. На еден од најинклузивните конкурси организиран од часовничарскиот бренд, уметниците од земјите учеснички на настанот добија задача да ја претстават својата земја преку дизајни наменети за Swatch часовници. Секоја земја доби свој автентичен Swatch дизајн и истите се изложени на EXPO.
Избраниот дизајн на Петрушевски „Joy Stamps“, e колаж на маркици со различни мотиви од Македонија, направени во препознатливиот стил на илустраторот.
„Среќен сум што добив шанса да ја претставувам земјава со своја илустрација на една престижна манифестација како што е EXPO. Маркиците започнав да ги креирам уште пред неколку години, како еден вид на поздрав, односно илустрирана разгледница до моите пријатели на социјалните мрежи. Но, како што од добро познати причини изминатиов период патувањата се ограничија само во границите на нашата земја, така растеше и бројот на испродуцирани маркици. Когa го забележав конкурсот на Swatch, некако ми дојде природно да ги спојам во еден колаж, како еден вид на поздрав од Македонија до целиот свет“, вели Петрушевски, потенцирајќи дека фактот што се почесто македонски дизајнери добиваат можност да работат за глобални брендови, покажува дека земјава веќе има сeриозна креативна понуда.
Од компанијата застапник на Swatch во Македонија „Божиновски часовници и накит“, најавуваат дека во периодот кој следи голем број на македонски креативци, ќе добијат можност да ги покажат своите таленти на светот.
„Претходната година ја завршивме со промоција на првиот македонски дизајниран Swatch часовник „Дениција“ како наш автентичен локален успех, а на самиот нејзин почеток добивме уште еден дизајн на македонски автор кој земјава ќе ја претставува на EXPO DUBAI 2020. Она што е нашата долгорочна цел и на што периодов активно работиме преку проектот „Своч на Кирилица“ е да ги отвориме вратите за младите креативци, како за креирање на локални и автентични серии на Swatch часовници, наменети за нашиот пазар, така и во глобални рамки, се разбира ако успееме меѓусебно да споделиме што повеќе инспирација, која на крај би резултирала со глобален успех“, велат од Божиновски часовници и накит.