По воведувањето на кратки видеа Reels на платформата Instagram, технолошкиот гигант Meta сега ги воведува и на својата главна социјална мрежа Facebook – во обид да се спротивстави на најголемиот конкурент TikTok.
Како што е случајот со кратките видеа на Instagram и на TikTok, така и Reels на Facebook доаѓаат со различни помошни опции како употребата на популарни аудио клипови, филтри на изменета реалност и уредувачки алатки за подесување на брзината и за поврзување на клипови во подолги видеа.
Новите Facebook Reels ќе бидат достапни во над 150 држави ширум светот, вклучувајќи ја и Македонија.
Компанијата веќе работи на можности за монетизација на овие кратки видеа, па така тестира повеќе опции за огласување, програма за исплата на креатори врз основа на нивните прегледи, како и можност за „бакшиш“ во форма на т.е. Stars („ѕвезди“). Имено, фановите може да им оставаат на своите креатори „ѕвездички“, а потоа Meta ќе им исплаќа по еден цент за секоја добиена „ѕвездичка“.
Сé уште се работи и на некаква можност за поврзување на Reels на Instagram и на Facebook, барем како препораки за сличен интерес.