Осмиот по ред регионален форум на комуникациски лидери – IZAZOV 2022 ќе се одржи на 12 и 13 април во хотелот „Мона Плаза“ во Белград, под слоганот „Handle with care“. Станува збор за интерактивен деловен настан, прв од ваков вид во регионот, наменет исклучиво за професионалци од областа на маркетингот, односите со јавноста и дигиталните комуникации од компании и агенции.
Ако сè она што е цел на еден општествено одговорен бренд го сведеме на „најмал заеднички именител“, тоа би било грижа за нешто или некого. Освен што „грижата за другите“ треба да биде дел од секојдневната комуникација, таа треба да биде и во сржта на секоја одговорна кампања. На крајот, во основата на грижата за другите, неспорно лежи – грижата за себе. Тоа значи: негување на правилни вредности, конзистентност и доследност. Ако го примениме ова гледиште на брендовите, тоа би значело дека секој бренд треба да се стреми кон константно преиспитување на своите вредности. Со грижата за себе, на одреден начин се грижиме и за луѓето околу нас. Со грижата за себе, брендовите се грижат за своите потрошувачи, но и за сите оние кои се во интеракција со брендот.
„Преку слоганот „Handle with care“, им се обраќаме на брендовите, односно на оние што ги водат, давајќи им на некој начин „инструкции“ како да се однесуваат кога кампањите ќе почнат да заземаат вредносни позиции и да ги артикулираат за време на продажните активности. Ова не се однесува нужно на CSR активностите, туку, напротив, треба да биде слоган што ќе важи за секојдневните кампањи и комуникацијата со брендовите. „Внимателно ракувајте“ со потрошувачите / соработниците / вредностите / емоциите без оглед кој аспект од вашето работење е во прашање. Грижата за брендот = грижата за потрошувачот – ова беше инспирација за агенцијата Ovation BBDO која веќе седум години го потпишува креативниот концепт на форумот IZAZOV“, изјави Ивана Парчетиќ Митиќ, основач и извршен директор на Marketing mrežа, организатор на форумот IZAZOV 2022.
Темите на овогодинешниот форум ќе вклучуваат, меѓу другото, кои се лидерите на иднината; дали креативното лидерство е клучно за опстанокот и растот на компанијата; како да планираме непланирани сценарија и да ги искористиме ресурсите што ги имаме на најефикасен начин; како да се усогласат одржливоста и профитот; како да се интегрираат општествено важни теми во стратегијата на брендот и секојдневната комуникација, а не да „паднат“ на лизгав терен; како ја мериме креативната ефикасност денес; кој е одговорен за рекламирање неетички брендови и пласирање на лажни вести за брендовите; но и кој е потрошувач 3.0 и што очекува од вашиот бренд; дали доаѓа време да се преиспита лојалноста и зошто повратните информации се важни за градење на квалитетен однос клиент-агенција. За состојбите на пазарот на маркетинг комуникации во земјите од регионот ќе зборуваат претставници на агенциите од Србија, Хрватска, Словенија, Црна Гора, БиХ и Македонија
Посебен сегмент од форумот ќе биде посветен на поттикнување дијалог меѓу агенциите и компаниите, преку различни видови интерактивни работилници, организирани оваа година од страна на Атлантик Штарк, Бамби, Фриком, ПепсиКо – Марбо Продукт, Нафтената индустрија на Србија и Порто Монтенегро. Како и изминатите години, на форумот IZAZOV 2022 ќе се презентираат и најновите истражувања за состојбата на струката во регионот, што Маркетинг мрежа го спроведува цели осум години.
Пријавувањето за учество на форумот на комуникациски лидери IZAZOV 2022 трае до 31 март, а бројот на места е ограничен.
Повеќе информации можете да пронајдете на сајтот www.izazovforum.rs