Францускиот бренд на коњак Louis XIII, произведуван од страна на дестилеријата Rémy Martin, објави нова реклама која го визуелизира минувањето на времето преку луксузен приказ на Мајката-Земја.
Главна ѕвезда во рекламата е американската пејачка Соланж Ноулс, која во улога на персонификација на планетата Земја ја раскажува нејзината долга историја од Големата експлозија до денес. Идејата е дека за сé што е вредно, потребно е време – вклучително и за добриот коњак. „Верувајте во времето“ – како што вели слоганот на крајот од рекламата.
Соланж Ноулс т.е. Мајката-Земја во овој случај е облечена во луксузна модна креација на кинеската модна дизајнерка Гуо Пеи, на која ѝ биле потребни повеќе од 2 години за да го изработи луксузниот фустан достоен за Мајката-Земја – создаден од скапоцени ткаенини со вметнати скапоцени камења и скапоцени метали.
Спотот е проследен со соодветна џез музика, која совршено ја следи и надополнува нарацијата на Соланж Ноулс.
Рекламата е создадена со помош на креативната агенција Fred & Farid, додека пак режијата е дело на француско-сенегалската режисерка Мати Диоп – инаку добитничка на Grand Prix награда на Канскиот филмски фестивал.