Меѓународниот фестивал на креативноста Golden Drum ги суспендираше Русија и Белорусија да поднесуваат пријави за овогодинешниот натпревар и да имаат претставници во жирито.
Од организацијата посочуваат дека иако се политички неутрално тело кое ги промовира интересите на рекламната и комуникациската индустрија, сепак сметаат дека цврстиот став е од суштинско значење во овие вонредни околности. Одлуката, донесена од Бордот на Словенечката огласувачка комора и раководството на Golden Drum, се заснова на неоправданата и незаконска инвазија на Русија врз Украина, сериозно кршење на меѓународното право, како и поддршката на Белорусија во тие дела.
„Одлуката не беше донесена лесно. Не смееме да ги игнорираме оние кои страдаат поради оваа војна. Свесни сме дека многу руски и белоруски креативни и комуникациски професионалци се противат на активностите на нивните власти и ја имаат нашата поддршка; сепак ние силно ги осудуваме агенциите, медиумите или другите компании кои се ангажирани од руската влада во извршувањето на нејзините незамисливи дела. Нашата индустрија е само мал дел од поголемата слика, но обединета во нејзините акции против војната“ – изјави Мојца Бришчик, претседателка на Golde Drum и извршна директорка на Словенечката огласувачка комора.
Словенечката огласувачка комора е непрофитна организација која го основаше меѓународниот фестивал на креативност Golden Drum, со цел да ги поврзе огласувачките заедници на Нова Европа. Таа е промотор на мирот, дијалогот и слободата на изразување. Фестивалот ги осудува вооружените конфликти од секаков вид.
„Ја осудуваме руската инвазија на Украина. Ние се залагаме за мир, демократија и еднаквост и ги осудуваме сите акти на агресија. Како комора составена од три засегнати страни – агенции, огласувачи и медиуми – од кои се бара да ги поддржуваат принципите на мирна соработка, ние имаме обврска кон нашите членови и рекламната заедница јавно да се спротивставиме на руската акција што го прекршува меѓународното право. Нашата одлука е водена од верувањето дека човековите права секогаш мора да се почитуваат“ – Урбан Корењак, претседател на Словенечката огласувачка комора.
„Со цел да помогнеме да се подигне гласот на нашите колеги во Украина, ние се обврзуваме да ја споделиме нивната вистина, како и да се откажеме од нивната котизација за ова издание на фестивалот како гест на симболична поддршка. Заедно стоиме со Украина и нејзиниот народ“ – стои во заклучокот на соопштението од Golden Drum.