Синоќа на полноќ стапи на сила одлуката со која Руската Федерација го забрани пристапот на своите граѓани до социјалната мрежа Инстаграм.
Причината, според руските власти, е интерното писмо на матичната компанија Мета во кое таа на своите модератори им посочува да бидат потелерантни за објавите кои повикуваат на насилство против Русија и нејзиниот претседател, а се објавени од граѓаните на соседени земји на Русија – сето тоа во контектст на руската инвазија на Украина.
Рускиот регулатор ја донесе одлуката за забрана на Инстаграм во петокот, оставајќи им на граѓаните 48 часа да ги тргнат своите фотографии и видеа објавени на социјалната платформа. Се проценува дека Инстаграм има околу 60 милиони корисници во Русија.
Забраната на Инстаграм ќе има сериозни последици за руските креатори на содржини и инфлуенсери кои заработуваат преку социјалните мрежи, поради што многумина од нив забраната ја проследија со солзи во очите при нивните последни објави.
Пред десетина дена, Русија исто така ги забрани и Фејсбук и Твитер.