Европската комисија отвори формална антимонополска истрага за тоа дали еден договор за онлајн огласувачки услуги помеѓу Google и Meta ги прекршува правилата за конкуренција на Европската Унија.
Истрагата се однесува на договор потпишан помеѓу двете компании во септември 2018 година, од Google наречен “Jedi Blue”, кој се фокусира на учеството на платформата “Audience Network” на Meta во програмата “Open Bidding” на Google.
Според комисијата, Google обезбедува огласувачко-технолошки услуги кои посредуваат помеѓу огласувачите и издавачите преку аукција на онлајн огласувачки простор за прикажување на веб-локации или апликации, вклучувајќи ја и програмата “Open Bidding”. Притоа, Мета обезбедува онлајн услуги за прикажување на реклами, а преку својата Meta Audience Network учествува на аукции за огласувачки простор користејќи ги услугите на Google и нивните конкуренти.
Европската комисија била загрижена дека договорот може да биде дел од напорите за исклучување на другите нудители на онлајн огласувачко-технолошки услуги кои му конкурираат на програмата “Open Bidding” на Google. Со тоа, комисијата смета дека договорот можел да ја „ограничи или наруши конкуренцијата“ на пазарот за онлајн огласување, на штета на издавачите и на потрошувачите.
Покрај Европската комисија, сопствена истрага за договорот на Google и Meta ќе спроведе и Регулаторното тело за конкуренција и пазарни односи на Обединетото Кралство.