Јапонската агенциска групација Dentsu International соопшти дека се повлекува од Русија и дека сопствеништвото на своите канцеларии ќе го префрли на долгогодишен локален партнер.
Од групацијата објаснуваат дека работеле со локален партнер во Русија веќе 25 години и дека 90% од нивниот бизнис во државата опслужувал локални клиенти. Од Dentsu додаваат дека одлуката била тешка, со оглед на тоа што компанијата оперирала со 1,500 вработени во Русија.
Групацијата исто така истакна дека цврсто стои на страната на Украина и глобалната заедница која повикува за враќање на мирот. Во Украина, Dentsu оперира преку локален партнер кој вработува околу 500 луѓе.
„Нашите тимови на Dentsu ширум светот, а особено во EMEA регионот (Европа, Блискиот Исток и Африка), истапија да обезбедат хуманитарна поддршка за погодените во Украина, вклучително и за транспортирање на членовите на тимот и нивните семејства од границата на Украина во Полска, обезбедување на трансфер на работни места и испраќање во други области во нашата мрежа, како и обезбедување правна и станбена поддршка“ – се посочува во соопштението на Dentsu.
Dentsu е четвртата голема агенциска мрежа после WPP, Interpublic и Publicis, која се повлекува од Русија како реакција на руската инвазија на Украина.