Пивскиот бренд Heineken се приклучи на другите големи брендови во метаверзумот и ја лансираше својата прва виртуелна пивница која е – тотално бескорисна!
Лоцирана во дигиталниот свет на Decentraland, виртуелната пивница го „произведува“ виртуелното пиво Heineken Silver, за кое брендот иронично вели дека е создадено „само од најсвежите пиксели: без слад, без хмељ, без квасец, без вода, а исто така, без пиво“.
Резултатот, според Heineken, е „необично и недостапно премиум пиво со технолошки и мета финиш во кое никој не може да ужива“.
Heineken воопшто не го крие својот скептицизам за метаверзумот, така што целата поента на кампањата е дека пивото единствено треба да се конзумира на традиционалниот начин во реалниот свет.
„Се работи за самосвесна идеја што нè исмејува нас и многу други брендови кои скокаат во метаверзумот со производи во кои најдобро се ужива во реалниот свет“ – посочуваат од Heineken.