Брендот за брза храна Burger King неодамна соопшти дека нивните десерти ќе бидат 100% слободни од какви биле вештачки адитиви. Со цел да го прослави овој напредок, Burger King се реши за необичен специјален десерт: сладолед во форма на „гомце“, со очи и уста – исто како популарниот емотикон.
„Како што направивме со Мувлосаниот Whopper, и тука употребуваме моќно и меморабилно визуелно решение за да ги натераме луѓето да размислуваат што има во нивната храна и да изразиме силен став во однос на нашата храна“ – изјавија Рената Леао и Едгар Џанеси, извршни креативни директори во агенцијата David São Paulo, кои стојат позади идејата на кампањата.
„Нашата цел беше да покажаме на еден забавен начин дека нашиот производ – без разлика како изгледа – е најчист од сите. Важно е што има внатре: вкусен сладолед без вештачки состојки од било каков вид“ – дадава Џулијана Кари, маркетинг директорка на Burger King во Бразил, каде што се спроведува кампањата.
„Подобро да изгледа како гомненце од надвор, отколку да биде полно со лоши состојки внатре. Тоа беше логиката позади развојот на овој корнет“ – заклучува Рожерио Чавез, креативен директор во David São Paulo.
Брендот сé уште нема одлучено дали овој сладолед трајно ќе стане дел од менито на рестораните. Кампањата е дел од заложбите на Burger King за отстранување на сите вештачки состојки од своите производи до 2025 година.