Набрзо откако Елон Маск купи 9.2% од акциите на Твитер и доби столче во нивниот Борд на директори, ексцентричниот милијардер упати прашање до своите следбеници на платформата дали би сакале копче за измена на објавените твитови т.е. “Edit” (мнозинството одговори со „да“).
Неколку часови подоцна, компанијата и официјално соопшти дека веќе работи на таква опција, која на корисниците ќе им овозможи да ги изменуваат т.е. поправаат своите објави.
Компанијата посочи дека работела на таква опција од минатата година и дека не ја добила идејата преку ноќ од анкета (алдудирајќи на твитот на Елон Маск). Меѓутоа, од Твитер официјално останаа прилично тивки за деталите на новата функција, само откривајќи дека копчето првично ќе биде тестирано со претплатниците на премум услугата Twitter Blue, во претстојните месеци.
Но, директорот за потрошувачки производи на Твитер, Џеј Саливан, во друг разговор открил дека се работи за една од најбараните функции веќе неколку години, но дека компанијата сакала да биде сигурна дека штом се имплементира, копчето нема да биде злоупотребувано од корисниците.
„Без работи како временски ограничувања, контроли и транспарентност за уреденото, ‘Уредувањето’ може да се злоупотреби за да се промени записот од јавниот разговор. Заштитата на интегритетот на тој јавен разговор е наш врвен приоритет кога пристапуваме кон оваа работа. Затоа, ќе биде потребно време и активно ќе бараме придонес и критички размислувања пред да започнеме со лансирањето на копчето за уредување“ – појасни Саливан.