Продолжувајќи го своето патешествие во метаверзумот, технолошката компанија Meta ги претстави новите работни амбиенти во софтверот Horizon Home за виртуелниот хедсет Oculus Quest 2.
Тоа беше повод за генералниот извршен директор на компанијата, Марк Зукерберг, да ја претстави својата домашна канцеларија во метаверзумот.
Од она што може да се види на објавената фотографија од 360 степени, Зукерберг во својот работен амбиент сака виртуелно сонце, отворени прозори кон убава виртуелна природа и неудобна виртуелна дрвена клупа за одмор.
Но, покрај естетиката, виртуелните канцеларии на Мета нудат и можност за реализација на вистински работни активности, како што се телефонски повици преку Messenger, читање електронска пошта и слична употреба на дигитални апликации.
Корисниците ќе можат да го уредуваат својот работен простор по нивна желба и според нивните потреби.
Зукерберг го оправдува сето ова со објаснување дека сé повеќе луѓе користат хедсетови за виртуелна реалност наместо компјутари, а ваквите ажурирања овозможуваат тие лесно да бидат продуктивни каде и да се.