Автор: д-р Ива Дујак, COO и партнер во Brand Union, основач на Creative Talks.
Ќе започнам со тоа дека Дани Комуникација се секогаш одлични. Година по година, пред стартот на секоја нова конференција се подготвувам за тоа дека можеби имам превисоки очекувања базирани на претходните искуства, дека е премногу тешко да се одржи истото ниво на квалитет и енергија со годините, но секоја нова конференција успеваат да пораснат, да се надградат и апсолутно никогаш да не ме разочараат.
Секоја нова ДК конференција носи толку многу мотивација и инспирација за учење дури и откако ќе заврши, што во Brand Union полека почнавме да си ја сметаме за редовно, годишно креативно освежување. За да ви доловам дел од годинешниот настан нема да одам чекор по чекор низ секое предавање (тоа веќе можете да го погледнете тука), но ќе издвојам 5 причини поради кои сметам дека Дани Комуникација 2022 беше одличен настан, кој комплетно го заслужи хајпот!
1. Опасни идеи
Можеби на прва звучи како стандардното „излезете од зоната на комфорот“ клише, но доколку ви кажам дека на претходните изданија на ДК следевме предавања од жена-киборг и човек кој слика уметнички дела преку софтвер поврзан со неговите очи, верувам дека ќе сфатите на што мислам 😊
Оваа година, перспективата во начинот на работење ни ја променија интересните идеи на Maria von Scheel-Plessen од Gucci која сподели на кој начин тие ја спроведуваат дигитализацијата во светот на луксузот, за начинот на функционирање онлјан нѐ поттикна да размислуваме одличното патување на хероината на Rachel Lowensten; додека најголемиот предизвик во секојдневната комуникација и размислување ни ги дадоа супер забавните сесии на Tim Leake, James Victore и Mr. Bingo.
И оваа енергија не се споделуваше само за време на предавањата. Погледнете како James Victore кој зборуваше за важноста на заборавање на ограничувања, љубовта кон опасните идеи, и гордоста во тоа да си чуден, го започна неговото предавање 😊
2. Балансирано учење
Конференцијата има совршен баланс на учење преку детални „како да…“ туторијали и инспиративни „ајде да го промениме светот, почнувајќи од себеси“ сесии.
Оваа година, добитникот на Emmy, дизајнер, стратег и едукатор Chris Do презентираше брз туторијал за креирање на 1000 парчиња содржина. Покажа како тој ги развива неговите објави, ја водеше публиката низ процесот на креирање на содржина, укажа на факторите кои се важни за голем органски раст.
Од друга страна, Mr. Bingo зборуваше за неговите невообичаени активации, оставајќи нѐ сите помалку замислени „да не треба да баталам сѐ и да почнам да цртам откачени илустрации?“ (дефинитивно не :D)
3. Говорниците не се супер ѕвезди
По секое предавање, оставен е простор за директно запознавање со предавачите каде секој лесно може да им пристапи, да дискутира за нивните идеи или едноставно да се дружи со нив. Ова овозможува многу подлабоки дискусии и ги крши сите бариери на класични предавачи и слушатели. Повеќето од говорниците сакаат и да се журкаат, па можете лесно да ги запознаете и на вечерните дружби. 😊
4. Доделување на награди
Дури и да не сте дел од Хрватската адвертајзинг и комуникациска заедница, церемониите на доделување на Effie, MIXX, IdejaX и YoungLions наградите се супер забавни за следење. За дел од нив се одржуваат и show-case презентации во тек на конференцијата, кои даваат одличен увид во тоа што функционира и носи резултати на Хрватскиот пазар.
5. Најопуштениот организациски тим
Знам дека е малку чудна тема за претставување на една конференција, но морам да истакнам дека немам сретнато поопуштен тим кој организира толку голем настан. Што е уште поважно, тимот се состои од професионалци кои сериозно добро си ја познаваат работата, гостите, трендовите во индустријата и точно знаат што е потребно за да се направи една одлична конференција.
Дефинитивно, Love Dani Komunikacija
Има и уште многу причини зошто да ги засакате Дани Комуникација.
Од прекрасната локација – преубавиот Ровињ и хотел Лоне, одличната организација на предавања по кои не си одиш преморен, мојата омилена 360 сцена, супер мерч… Накусо, главната порака е: почнете да размислувате да си резервирате билети за следните Дани Комуникација, веднаш.