Автор: Магдалена Шамбевска Аневска, Nova Solutions
Ако инфлуенсерот одговара за промоција на вашиот бизнис – ДА. Ангажирајте го! Сé уште се популарни и имаат влијание врз донесување на одлуката за купување на производи или услуги. Особено микроинфлуенсерите.
Кој е инфлуенсер? За многумина ова е популарен “buzzword” кој сега често се споменува. Збор кој поттикнува и привлекува внимание и на социјалните мрежи и во медиумите, но и при комуникациите меѓу луѓето надвор од интернет платформите.
Инфлуенсер (микроинфлуенсер под 20.000 следбеници, макроинфлуенсер над 20.000 следбеници) е личност или заедница која станала позната по пат на интернет, а пред интернетот тоа не беше. Има влијание врз одредена бројка на луѓе – број што не е едноцифрен или двоцифрен, туку повеќецифрен.
Но, не може да се смета секој за инфлуенсер затоа што има само голема бројка на следбеници и е популарен на интернет. Пред сé, поради тоа што нема дефинирана целна публика, нема вистинско влијание врз луѓето, врз одлуките, врз купувањето, продавањето и сл.
Инфлуенсерите, не мора да продаваат само производи и услуги. Може да продаваат и мислење, што денес е тренд кај нас, па и во светот. Како пример ќе ги посочам мотивациските говорници.
5 златни правила за инфлуенсерите и компаниите
- Имајте свои цели и идеи за кои ќе зборувате (ниши). Не мора да сте експерти во се, но барем во она што го работите. Трудете се објавите да ги постирате во континуитет. Барем по една дневно.
- Изберете платформа за комуникација со публиката. Ова важи и за инфлуенсерите и за компаниите кои сакаат да промовираат услуги/производи. Не се распрснувајте на различни канали. Така ќе се дефокусирате и нема да може да се посветите квалитетно. А, и публиката различно се однесува на различни платформи. Секоја платформа има свои правила, а секоја објава е важна. Во моментот најинтересна и најследена е платформата Instagram, која истовремено носи и најмногу пари. :)
- Проучете како функционира платформата и направете стратегија за добра промоција. Нека биде тоа подетален план за тоа како ќе ја водите вашата страница во следните 3 до 6 месеци.
Овде би ги критикувала малку инфлуенсерите за следново: Не можете да бидете “travel infuencer” ако не патувате, не можете да бидете модна блогерка ако имате три комбинации на облека кои сакате да ги носите, не може да бидете “food blogger” ако правите само 3 рецепти итн. За почеток мора да имате повеќе и да правите повеќе. Не би сакала да звучам како мотивациски говорник :), но мора да сте подготвени за предизвиците и трендовите кои доаѓаат, пред сé за долгорочно креирање на содржини. Мислам на креативни содржини, интересни и корисни кои ќе го држат вниманието на луѓето.
- Бидете различни. Пронајдете агол кој досега не е покриен. Развијте креативен процес. Снимајте се од друг агол, зборувајте поразлично, имајте нови рубрики итн.
- Прилагодувајте се на новитетите. Бидете свесни дека мрежите се многу динамични и алгоритмите се менуваат. Тоа може работата да ви ја направи пеколна. Но, некогаш може и да ви донесе голем успех. Зависи како гледате на нештата. Затоа, следете го трендот и пробајте да нудете нови услуги.
Која е оптимална количина на содржини која треба да ја објавувате?
За да бидете следени, практикувајте континуитет. Имајте барем по една објава дневно.
Зошто некој би ве следел на социјалните мрежи?
Причините можат да бидат разновидни и свои. Можеби сте паметни. Можеби сте духовити. Можеби сте забавни, драматични, убави, згодни… Од различни причини луѓето ги следат другите луѓе на интернет.
„Гледам инфлуенсери кои имаат многу следбеници, имаат соработки и развиен бизнис и слично. Но, немаат своја личност. Таквите луѓе имаат мал engagement, имаат помало влијание и послаби резултати. Тоа е така бидејќи луѓето на мрежите се заради другите луѓе. И луѓето очекуваат да ја видат вашата личност. Заради тоа, зборувајте со луѓето. Нека го слушнат вашиот глас, тоналитет, акцент, нека ја видат вашата гестикулација, мимики и сé останато. Ако сакате да остварите врвни резултати како инфлуенсер, важно е да ја претставите својата личност. Направете луѓето да имаат чувство дека ве познаваат (вашиот карактер кога сте бесни, среќни…), дека зборувале со вас, дека им се обраќате ним (најдобро преку story).“
Има познати инфлуенсери со убави слики, но што вреди тоа кога на публиката не и се обраќате. Кога не сте им го слушнале гласот, тонот… Снимајте се, ослободете се, не мора во живо. Снимајте се 100 пати додека не ви се допадне, па потоа објавете. Понудете им се себе, со време ќе им се допаднете и ќе ве следат. Нема магична формула. Ова е начинот.
Што да направите за поголема видливост на објавите?
Користете хаштагови, тагови, локација, коментари и пораки. Хаштаговите нека не се најчесто користените. Бидејќи, ако цел свет ги користи, која ќе биде веројатноста вашата објава да биде видена?
Ако сте ресторан, модно студио, канцеларија или продавници – користете локација, така полесно ќе ве најдат и постовите ќе бидат повидливи. А, и гостите ќе се „чекираат“. :)
Коментарите и пораките нека се на време испратени, тоа ќе ви го зголеми рангот на професионалност а и рејтингот од страна на следбениците и корисниците.
Copywriting. Најважната и најпотценетата работа.
Луѓето читаат и најважна е првата реченица за да го привлечете вниманието. Имајте добар наслов за кој во текстот како тема ќе зборувате. Користете лични карактеристики.
Бидејќи сум од Битола, ако во текстот почнам со обраќање – Мои битолчани… Побрзо публиката ќе се препознае и ќе прочита. Користете и прашања. Публиката ќе се интересира за одговорот.
Но, ако не е квалитетна содржината ништо нема да направите. Содржина може да биде фотографија, видео, текст. Но, најважно е на пораките и текстот да посветите внимание. Ако нема добар текст, нема само фотките да ги задржат корисниците на вашиот профил. Ако ги навикнете луѓето да ве читаат и следат, ќе поминуваат доста повеќе време на вашата страна. Тоа допринесува за зголемување на reach-от и алгоритмот. Така ќе ги коментираат вашите објави и ќе имате подобри резултати кои ќе ви донесат соработки.
Кои апликации ќе ви помогнат да креирате добра содржина? (да го земеме Instagram како најпопуларен)
InShot – Служи за едитирање на видео.
Canva – Служи на сите оние кои немаат дизајнер или не се професионални дизајнери. Особено за малите агенции или фриленсери да креираат нешто убаво за своите „приказни“ (story) или објави.
Instagram Layout – За креирање на колажи со повеќе фотографии одеднаш.
Comment Picker– Апликација за избирање рандом добитници при креирање на наградни натпревари.
VSCO – Апликација за обработка на фотографии (но и социјална мрежа која немаше среќа за заживее).
GoPro Quik – Служи за едитирање на фотки и видеа.
Adobe Lightroom – Најголем хит меѓу апликациите. Може да ви ги поправи фотките, особено оние со лошо осветлување. :)
Бонус совети
- Користете извичник („!“) во наслов или прва реченица, за 30% поголема видливост на објавите.
- Сугерирајте на луѓето што да прават. Да споделат, лајкнат, коментираат. Верувајте дека реагираат и нештата за кои ги поттикнувате ги прават.
- Фотографиите кои ги објавувате нека бидат вертикални. Така заземаат најмногу простор на feed-от и не можат да не се приметат.
- Користете филтери. Очите на корисниците веќе се навикнати на нив.
- Користете повеќе лица наместо предмети. Луѓето повеќе реагираат на лица отколку на предмети, а според тоа и вашиот engagement ќе биде поголем.
- Раскажување приказни (Storytelling). Особено за спонзорирани објави. Публиката сака добра приказна во која ќе верува.
- Најдобро време за објавување. Обично од 10 до 12 часот претпладне, и од 19 до 21 часот навечер.
- Highlights. Имајте ги. Не мора да се премногу, но нека се организирани во категории кои сметате дека во работењето ви се важни.
- Држете ги луѓето во неизвесност. Така подолго време ќе ве следат и ќе им бидете интересни.