Социјалната мрежа за истражување на интереси Pinterest соопшти дека воведува нова политика на корисничко однесување против ширењето на дезинформации за климатските промени.
Компанијата гордо посочи дека тие се „единствената голема дигитална платформа која јасно идентификувала насоки против грешните или манипулативни информации за климатските промени“.
Платформата ќе ги „банира“ сите корисници кои ќе споделуваат лажни информации, непроверени тврдања и објави поврзани со теории на заговор за климатските промени. Односно, компанијата ќе се потруди нејзините корисници да добиваат информации кои доаѓаат само од проверени извори.
Од Pinterest објаснија дека ќе ги бришат сите дезинформативни објави кои го негираат постоењето или влијанието на климатските промени, го отфрлаат влијанието на човечкиот фактор кон глобалното затоплување, или пак воопшто ги оспоруваат научните докази за климатските промени.
„Pinterest верува во негувањето на простор кој е доверлив и вистинит за оние што ја користат нашата платформа. Овој храбар потег е проширување на нашите постојни насоки против дезинформациите. Проширената политика против дезинформации за климата е уште еден чекор во напорите на Pinterest за борба против дезинформациите и за создавање на безбеден онлајн простор“ – истакна Сара Брома, директор за политика на Pinterest.